Иако од декември 2019 година на седницата на Советот на Општина Тетово беше донесена одлука новоизградената капела кај православните гробишта да се даде на користење и управување на јавното комунално претријатие „Тетово“, објектот се уште не е во функција. Во претријатието велат дека капелата иако е изградена со сите соодветни простории не може да се употребува поради нефукционалност на комората ладилник каде треба да се оставаат на телата на починатите граѓани.
-Просторијата за комора несоодветно е опремена од фирма изведувач на работите. Затоа и не може да се пушти во употреба капелата. Треба целосно просторот да биде комора, а не како сега само еден дел од просторијата каде е монтирана комората. Командната табла е внатре во просторијата, а треба да биде надвор, а и моторот на комората треба да биде поголем, изјави Гоце Новески, раководител на православните гробишта.
Проблемот го воочил стручно лице кое требало да издаде линценца за работа на капелата.
– Стручно лице за лиценца ни посочи дека во овој простор треба да има место за шест полици, по три лево и десно. Сега нема соодветно место за ниту едно тело да се постави, рече Новески.
Директорот на ЈКП Тетово, Џелал Цека нема одговор кога и како ќе се надмине проблемот.
-За капелата сум во контакти со АД „Бутел“ во Скопје, да ни помогнат во овој дел. Нормално овој проблем е поврзан и со пандемијата. Сме во контакти со сите тие соодветни субјекти и луѓе за да ставиме нови комори за да биде све ок и да ја пуштиме во употреба“, рече Џелал Цека.
Освен комората, треба да се опремат и другите простории. Капелата почна да се гради во октомври 2015, а се заврши во текот на 2018 година.
Според членот 10 од Правилник за нормативи и технички стандарди и здравствено-санитарни услови за изградба и реконструкција на гробиштата, на придружните објекти и на инфраструктурата, просторијата наменета за ладење на телото на умреното лице треба да се одржува со температура од 0 (нула) до – 8 (минус осум) целзиусови степени. Комората ладилник треба да биде со постојан режим на ладење од -10 (минус десет) до -20 (минус дваесет) степени.
А.С