Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска на денешната прес-конференција ја информираше јавноста за искористеноста на мерката Финансиска поддршка за исплата на плати за месец ноември 2020 година. За ноември 2020 поднесени се 13.851 барања, на 13.178 работодавачи е исплатено вкупно 1.028.448.344 денари, за вкупно 65.960 вработени.
-По региони најмногу фирми што не исплатиле плата се од Скопје 73 фирми, Тетово 21 и Гостивар 10. Ноемвриска плата не исплатиле а примиле финансиска поддршка се работодавачи од дејностите: 43 работодавачи од дејноста трговија на мало, кои примиле финансиска помош од 1.295.978 денари и на 84 вработени не исплатиле плата, 37 фирми што вршат подготовка на оброци и служење на храна примиле помош од 1.656.803 денари и на 108 вработени не исплатиле плата, 22 фирми од дејноста транспорт, примиле помош од 1.983.508 денари и на 127 вработени не исплатиле плата, истакна Лукаревска.
За оние работодавачи кои не исплатиле ноемвриска плата изготвени се и доставени опомени и за неисплатената плата. По истекот на рокот од опомената, против оние кои нема да ја исплатат платата, ќе следи спроведување на постапка на присилна наплата на платата со блокада на паричните средства на нивните трансакциски сметки и пренос на средствата на сметките на вработените лица и на уплатните сметки за јавни приходи.