На 25 декември, недела детскиот хор „Лале“кој го раководи диригентот проф. д-р Ивица Зориќ ќе одржи јубилеен концерт по повод 45 години основањето во 1977 година. Концертот ќе се одржи во концертната сала на државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“.
-Во „Лале“ овој момент членуваат девојчиња чии мајки порано биле хористки, така да стана семеен хор и се радуваме што хорот ја продолжува оваа традиција и се надеваме дека приказната ќе продолжи во иднина. Тоа е наша голема желба и верувам дека ако човек има желба и настојчивост успева во тоа, а ние тетовчани сме познати и како „инаетчии“ ама во позитивна смисла, се мотивираме да работиме што подобро, изјави диригентот Ивица Зориќ.
Во изминатите 45 години хорот има освоено голем број награди во земјата и во странство. Има посетено 20 европски земји, а од нив некои и повеќе пати. Исполнети се преку 500 композиции на над 20 јазици.
-Од 12 настапи на Републички натпревар на хорови во Кавадарци има освоено десет први и две втори награди.На Меѓународниот хорски фестивал во Охрид имаме две први награди, на хорски фестивал во Цеље, Словенија две втори награди. Имаме освоено втора награда со студиски снимки за Евровизија во рамки на Југославија во време кога првата награда не беше доделена, потоа на интернационален хорски натпревар во Римини, Италија бронзен медал, изјави Зориќ.
Тој потсети дека голем број на македонски композитори посветиле свои дела на хорот „Лале“.
-Планираме 45 годишниот јубилеј да го одбележиме со ретроспектива на она што се случувало во минатото, ќе има снимки од настапи на хорот, ќе има изјави од хористки, поранешни кои израснале и сега се возрасни личности, има некои кои се од првата генерација од пред 45 години кои биле на првата проба на хорот, ќе дадат свои изјави и настојуваме во предвечерието на празниците да се вклучиме со своја програма која ќе биде популарна детска хорска музика, ќе бидат исполнети композиции од нашиот сограѓанин Борислав Јоргушевски-Боби, Кире Костов и Франц Грубер. Ќе биде шаренило на детска популарна музика, необичен концерт во концертна сала ДМУ „Тодор Скаловски-Тетоец“ во Тетово, во свечен амбиент, истакна диригентот.
На промотивниот каталог за концертот е испечатена уметничка слика од Александар Настески која служела за илустрација на омот за плоча издадена од хорот во 1984 година.
-Ретроспектива ќе биде прикажана со фотографии-имаме плејада на наши сограѓани кои што се заедно со хор, како покојниот Панта Николиќ, Глигор Бунески, Зоран Андонов, Љупчо Радовски, Драги Неделчевски, нека прости некој ако заборавив. Секој има свој придонес, инфомираше диригентот.
Од хорот „Лале“ и подоцна „Менада“ оформено е сегашното трио Шербет. Диригентот Ивица Зориќ е роден 1948 година, а диломирал 1973 на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Магистрирал во 2003, а докторирал 2007 како прв доктор по интерпретација во Македонија одбранувајќи го докторатот на тема „Дигитален каталог на македонското хорско творештво“. Основач е на хорот „Лале“ во 1977, и женскиот младински хор „Менада“ во 1981 година.
Концертот во музичкото училиште ќе започне во 18 часот. Влезот е слободен.
ас