Во Тетово денеска се одржа манифестацијата „Слатки денови на Тетово“ која претставува завршна активност на четвртиот по ред натпревар за квалитет на мед „Тетово награди за мед“ (Tetovo Honey awards) што го организираат здруженијата „Полошки мед“ и „Градот на пчелите“.
На манифестацијата која беше организирана на отворено на градскиот плоштад беа доделени и наградите за најдобрите, а дел од пчеларите со своите пчелни производи и пчеларски опрема се претставија преку штандови.
-За натпреварот пристигнаа 260 примероци од пчелари од 21 земја. Во категоријата на учесници со мед од костен за првак е прогласено Пчеларството Ќоку од Дебар, за ливадски мед Ирис Поти, за медлика Денис Бојоски од тетовска Брвеница, за мед од липа Ариф Билалиќ од Босна и Херцеговина, за планински мед Леотрим Сула од Косово, Славица Милосавлевиќ од Србија за мед од багрем, како и за повеќецветен мед Христијан Аврамовски од Скопје. Кога започнавме да го правиме овој натпревар не беше целта да се натпреваруваме туку да ја подигнеме свеста меѓу граѓаните дека има квалитетен мед за да бидат сигурни на медот што го нудат, изјави Владимир Петровски, од здружението „Полошки мед“.
Оценувањето на пристигнатите примероци мед започна на Универзитетот во Тетово на 10 септември каде триесетина судии направија органолептичка анализа според боја, вкус, арома, влажност, чистота. Потоа следуваше лабораториска анализа на хемиски состав, по што стручното жири одлучи кои ќе бидат прваци по категории.
-Медот беше одличен но секогаш може подобро. Но сепак медот доаѓа од пчелите, а на производители им останува да убаво го спакуваат и да се подготви за продажба. Се надевам дека и догодина ќе имаме уште повеќе учесници, изјави Слободан Јефтиќ, претседател на стручното судиско жири.
Саемот на медот е добра можност да се промовираат производите, порачаа пчеларите учесници на промотивниот дел од манифестацијата.
-Годинава може да кажеме дека беше солидна, во споредба со претходни неколку години кои беа доста послаби во однос на приносот. Тоа е природа, кога природата има пчелите го искористуваат што е можно подобро. Цените за репроматеријалите и другите трошоци се зголемија од 50 до 100 отсто, па затоа годинава и медот има повисока цена, па така во Тетовско се продава од 800 до 1000 денари една тегла мед, изјави пчеларот Владимир Антовски.
Во 2021 година Министерството евидентирало пријавени 312 илјади пчелни семејства од пчелари кои се пријавиле за субевнции. Во 2012 година имало 150 илјади пчелни семејства. ас