Двајцата Македонци Дејан Ангелоски и Александар Кирковски вчера настапија на највисоката планинска трка на Алпите, скајмаратонот Монте Роса. Тие со време од 7 часа и 29 минути се пласираа на 44-то место во конкуренција на вкупно 167 парови колку што стартуваа.
-Се работи за високопланинска трка чие прво издание во 1992 година се смета за пионерски чекор во најекстремната форма на планинско трчање – скајранингот. Во поново време се трча во парови од по двајца натпреварувачи и привлекува голем број на планински спортисти од различни земји. Скајмаратонот почнува и завршува во селото Алања Валсесиа на околу 1000 мнв, а се искачува до врвот Маргарита на 4554 мнв на масивот Монте Роса, совладувајќи дистанца од 35 километри и искачување од 3500 висински метри по суров терен, информираше Александар Кирковски.
За Ангелоски и Кирковски ова е второ учество на Монте Роса скајмаратон а овој пат го подобрија својот резултат за 57 минути во однос на минатогодишниот. Овој спортски потфат е дел од програмата на Планинарскиот клуб „Македон” и Федерацијата на планинарски спортови на Македонија. Клубот и федерацијата на почетокот на јуни ја организираа трката за екстремно планинско трчање „Титов врв скајрејс“.