Манифестација „Фолклорни игри под Шара“ по четврти пат вчера во Тетово ја организираше Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“.
Народни игри, песни и носии од различните народи кои живеат во Тетово беа претставени во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“.
Македонскиот фолклор го претставија домаќините, КУД „Бранко Чајка“, КУД „Брвеница“ од Брвеница и вокалниот ансамбл „Распеани кичевчани“ од Кичево.
КУД „Џеладин Зеќири“ од Тетово го претстави албанскиот фолклор, а КУД „Јени Хајат“ Тетово турски фолклор.
„Здружението на Срби и Македонци Бранко Чајка ја организираа оваа манифестација со цел да ја претстави токму таа убавина, тоа шаренило на народните носии, игри и песни. Со тоа „Фолклорните игри под Шара“ испраќаат порака за соживот, разбирање на вредностите на културната разноликост и заемно почитување на сите заедници коишто живеат на закрилата на нашата убава Шар Планина. Публиката на сцена виде разновидни носии, мелодии и игри. Во сета таа разновидност забележија едно нешто кое е заедничко кај сите играорци, а тоа е насмевката која ги краси нивната лица и којашто е кај секој од нив иста. Зад секоја насмевка, пак, стои огромен труд и напор па затоа настапите беа наградени со силен аплауз, истакна Соња Андонов, претседателка на Здружението.
Таа исто така посочи дека културно-уметничките друштва имаат мисија, да ја чуваат и негуваат традицијата, со предавање, давање и чување на искуствата и културното наследство од генерација на генерација.
ас