На денешната прес-конференција во дворот од Клиничката болница Тетово, директорот Илир Демири информираше дека неделава градежните работници биле спречени да почнат со оградување на имотот на установата. Според Демири во минатото дел од имотот што е во владение на Клиничка болница е приватизиран, а опфатено било и дел од местото каде што се наоѓаат и резервоарите со нафта.
-Во минатото од страна на бивш градоначалник е приватизирано 87 или 97 квадратни метри и четири квадрати од резервоарите за нафта кои се во владение и користење над 50 години од Клиничка болница Тетово. Не е проблем како е приватизирано и на кој начин. За тоа ќе се занимаваат органите на правдата и обвинителството. Јас сакам граѓаните на Тетово да ги информирам дека има тенденција и истите луѓе сакаат да го приватизираат овој дел што го гледате тука и да го оневозможат пристапот на Клиничка болница Тетово на булеварот Благоја Тоска, истакна Илир Демири.
При обидот да се работи на самото место, според директорот Демири, некој ги попречувал работниците и затоа се поднесени пријави до надлежните установи.
-Ние имаме решение од општина од актуелната власт за да направиме ѕид. Излеговме да градиме, да ограничиме до каде е наша сопственост, тие дојдоа и со насилство ја попречија оваа работа. Правно е реагирано, поднесени се жалби, информирани се и во полиција и во сабота да сме живи и здрави, ќе се стави темел и ќе се прави ограда. Со резервоарот ќе остане правдата да реши. Тоа е сопственост на Република Македонија во користење на Клиничка болница Тетово, истакна Демири.
Станува збор за просторот зад комплексот на згради во кои се наоѓаат одделенијата за хирургија, ортопедија, гинекологија и други болнички оддели. Таму во моментот се прават градежни работи и за уредување на просторот за паркиралиште, а предвидено е во иднина и сообраќајно поврзување со булеварот „Благоја Тоска“.
-За поврзувањето со булеварот е поднесено барање и до општина и до инспекторат и до сообраќајна полиција. Треба да се најде сообраќајно решение и да се направи дополнителна лента. Во иднина сигурно ќе се оствари и тоа е амбиција сакаме да одиме напред. Сега ќе биде како паркинг а во иднина кога ќе се најде сообраќајно решение ќе биде како влез и излез од Клиничка болница, изјави Илир Демири.