Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово во петок 23 септември ќе го одбележи својот 30 години јубилеј. По тој повод се организира свеченост која ќе почне во 18:30 часот во фоајето на Центарот за култура „Иљо Антески – Смок“со изложба на фотографии од архивата на Здружението, а продолжува во 19:30 со свечен концерт во големата сала.
-Значаен датум за Здружението е 25 септември 1992 година кога е заведено во судскиот регистар во Тетово како Здружение на Срби, Македонци и Црногорци. Од 2006 година продолжува да работи под името Здружение на Срби и Македонци со цел развој на активности од областа на духовниот и културниот живот, обичаите и меѓусебните односи помеѓу македонскиот и српскиот народ, информира Соња Андонов, претседателка на Здружението.
На свечениот концерт ќе настапат малата и средната група играорци, како и поранешните членови на друштвото кои ќе изведат неколку ора од богатиот македонски и српски фолклор. Со изведба на македонски и српски песни во придружба на оркестарот на Здружението, ќе настапат Александар Јањиќ од Србија, Милица Кузмановска, Драгиша Аврамовски, Сара Тасеска, Лени Партикова, групата “Шербет“, Миле Ѓорѓески и Ненад Вукојичиќ.
-Фолклорната активност на Здружението постои од 1993 година. На почетокот културно-уметничкото друштво го носи името „Фолклор“, а подоцна, сé до денес „Бранко Чајка“. Главна одлика на овој ансамбл е подеднакво негување на македонскиот и српскиот фолклор. Со тоа Здружението преку песна и игра цели 30 години успешно гради мостови на пријателство помеѓу Србија и Северна Македонија, истакна Соња Андонов.
Од Здружението информираат и дека одбележувањето на јубилејот претставува проект од национален интерес во културата за 2022 година и е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
ас