Вчера (5 јули) од 8 до 16 часот на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово спроведена е акциска контрола на пешаци во врска со нивното однесување во сообраќајот. При контролата откриени и санкционирани се вкупно 28 прекршоци (ТЕ-15 и ГВ-13). Најголемиот број од санкционираните пешаци (26) ги преминувале улиците надвор од обележани пешачки премини. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци и ќе се соочат со парични глоби кои се движат од 30 до 50 евра, доколку не учествуваат на таканаречена сообраќајна поука.
Секторот за внатрешни работи Тетово апелира до пешаците да бидат крајно внимателни кога и каде ги преминуваат улиците и како се движат по улиците на кои нема обликувани тротоари. На пешаците им се советува целосно да ја почитуваат светлосната и друга сигнализација, особено на крстосниците, а на родителите да не ги пуштаат малолетните деца без контрола да ги преминуваат улиците. На возачите, пак, им се укажува секогаш да им даваат предност, односно да ги пропуштаат пешаците, посебно на пофреквентни улици и на патишта каде недостига адекватна сигнализација.
Секторот за внатрешни работи Тетово веќе ги интензивираше контролните активности, а кои во наредниот период ќе бидат уште повеќе интензивирани.