Градскиот тетовски женски младински хор „Менада“ по повод на 19-ти ноември денот на ослободувањето на Тетово, организираше концерт насловен „Македонскиот музички фолклор во хорското творештво“
Концертот беше изведен и во автентичен етно стил, дел од хористките беа облечени во тетовските градски народни носии. Со изведбата на „Огрејала месечина“ од триото Шербет беше почнат концертот, по што трите вокалистки продолжија заедно со хорот да ги исполнуваат хорските композиции.
– Овој хор, покрај огромниот репертоар на класични дела од хорската музика од најразлични епохи и стилови, негува и фолклорна хорска музика. Фолклорот е чувар на традицијата. Мост помеѓу минатото, сегашното и иднината. Везовите, носиите, приказните, легендите, ората и песните, кавалите и гајдите-сето тоа преплетени со, само за нас автентичните седум осмини-македонскиот фолклор. За голема пофалба е умешноста на нашите композитори кои твореле ваква музика. Народната песна да се преточи во хорски партитури е вистинска уметност, посочија модераторите на настанот.
Следуваа изведби на композициите „Мариче на стол седеше“, „Моме Стоје“ од Живко Фирфов. Од композиторот Тодор Скаловски беше изведена баладата „Гоце“. „Бојот започна“ од Драган Шуплевски како и „Горо ле горо“ и „Тодорка млада робинка“ од Шуплевски и Скаловски ги испеаа младите хористки.
Стиховите од „Тешкото“ и „Везилка“, самостојно изведоа дел од хористките. Дел од концертот беа „Туѓина“ од Трајко Прокопиев, „Со маки сум се родила“ и „Ако одам во Битола од Љубомир Трифуновски“. Хорскиот концерт со исполнување на македонските народни песни во хорска изведба заврши со „Рум, дум, дум“ на Шуплевски.
ас