Проблемите поврзани со болестите и опстанокот на костенот се тема на третата медиумска содржина во рамките на медиумската информативна кампања. Активноста се спроведува во рамките на проектот „Одржливо користење на природните ресурси на Кораб – Коритник, Шара и Албанските Алпи, спроведуван од ЦНВП Северна Македонија, финансиски поддржан од ПОНТ. Целта на оваа медиумска содржина е да се апелира до надлежните институции за преземање на мерки за заштита и превенција на болестите кај костенот.
Растителната паразитска габа со латински назив Cryphonectria parasitica е причината за сушењето на питомиот костен, односно за болеста позната како рак по питомиот костен. Оваа болест е еден од поголемите предизвици со кој се соочуваат луѓето кои собираат костенови плодови на своите имоти на Шар Планина. Заболените гранки и стебла почнуваат да го намалуваат родот, па по некое време и целосно не раѓаат плодови, а неретко и целосно се сушат.
Ова заболување е за првпат регистрирано во 1904 година на само неколку стебла американски питом костен, во Зоолошката градина во Бронкс, во Њујорк, а набрзо потоа е откриено дека габичката потекнува од Азија. Во Европа габата и заболувањето се откриени во 1938 во Италија, а од 1950 низ тогашна Југославија. На територијата на Република Македонија, за првпат е регистрирана во 1974 година во Дебарскиот регион од проф. Васил Папазов. Набрзо потоа брзо се распространува низ сите костенови локалитети низ Македонија, а на шарпланинскиот масив поинтензивно е забележлива и проширува веќе во осумдесетите години на минатиот век.
„Ракот на питомиот костен започнува како инфекција која се извршува преку рани на кората. После етаблирањето во растението, габата формира бледо обоени лепези од мицелија, кои брзо растат под кората и навлегуваат во васкуларниот камбиум и во надворешните ткива на ксилемот, а тоа доведува до формирање рак-рани на кората. Потоа доаѓа до потемнување на дрвото под кората, и тоа на површина која е секогаш поголема од онаа која ја има покриено мицелиумот на габата. Формираните рак-рани, се зголемуваат и постепено ги обиколуваат заболените гранки или стебла, а по навлегување на габата во васкуларниот камбиум (н.з растително ткиво) стануваат смртоносни, вели проф. Кирил Сотировски, од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ (некогашен Шумарски факултет), во неговите научни трудови посветени на оваа тематика.
Луѓето од шарпланинските села од подрачјето познато како Подгор кое изобилува со костенови шуми, велат дека и нив ги мачи тоа што ги гледаат нивните дрвја како се сушат и не даваат род.
Драгана Тасевска која има костенови дрвја во Јелошник ни раскажа дека болеста, односно исушените гранки се причината и за послаб род на костени. Во Варвара, Миле Серафимовски ни кажа дека меѓу сите предизвици околу одгледувањето и собирањето костени, справувањето со ракот на дрвјата е повеќе-децениски проблем со кој се соочуваат.
„Таа болест 15-20 години и повеќе ни правеше многу проблеми. Болеста е на дрвото и се познава дека кората не е како што треба да биде, односно е оштетена. Многу мравје ја напаѓаат и за 3-4 години тој тој дел ќе се исуши целосно“, вели Серафимовски.
Според него, сушењето на костеновите гранки и стебла порано било поинтензивно, но веќе смета дека тој проблем оди во надолна линија.
„Зборувајќи со агроном, дознав дека може да се спречи ширењето на болеста. Ако почнала некоја гранка да се суши поради болеста, треба да се исече и на тој начин да се спречи ширењето на другите гранки и стеблото. Но пример, јас кај моите дрвја кај што имам доста костени сум го направил. Ама не го прави тоа некој од соседите. Може не ми е во истата ливада ама на 20-30 метри пак имам заболени костени. Едно време и брестот имаше болест, па се надмина. Со костенот, беше посериозно а сега е помалку, ама сега и луѓето што живеат во селата и што се бават со костени се сé помалку, па затоа и болеста не се актуелизира“ вели Миле Серафимовски.
Професорот Сотировски, кој има повеќедецениско истражувачко искуство за костените и болеста, вели дека иако габата е широко распространета кај нас, повеќе нема изразена вирулентност или сила за да предивика катастрофални последици најмногу заради присуство на т.н. хиповирус, кој ја напаѓа габичката, и ја слабее. За искуствата на нашите соговорници, кои преку едноставен начин со сечење на заболените гранки се обидуваат да го намалат ширењето на болеста, професорот вели дека е сосема корисна мерка. И тој е оптимист дека нема да дојде до целосно уништување на костеновите дрвја, а согласен е дека инфекциите врз костените се намалуваат.
„Габичката не се распростанува само од суви, мртви гранки туку, туку и од не сосема суви, односно од сèуште живи гранки и стебла, кои се инфицирани. Оттаму, таквите гранки е пожелно да се отсекуваат и отстрануваат, меѓутоа и сите да го прават тоа целосно нема да може да се отстрани габата бидејќи е широко распространета и веќе одомаќинета. Но таа мерка, која ја нарекуваме санитарна сеча, треба да се спроведува. Заболени гранки па и стебла да се отсекуваат и да се отстрануваат од шумата. Подобро е да не остануваат во шума, бидејќи од нив, извесно време габата се распространува на околните стебла и гранки. Освен тоа, костенот е вид со изразена изданкова способност, и при сеча брзо вегетативно се обновува, при што и новите стебла се повитални и поквалитетни. Ова е возможно бидејќи оваа габичката не го напаѓа кореновиот систем на костените. “, истакнува Сотировски.
За заштита на костеновите дрвја од болеста има и поголем фактор, а тоа е спомнатиот хиповирус, кој ја напаѓа габата, по што таа ја губи силата, односно не е толку вирулента за да ги суши нападнатите гранки и стебла. „Стеблата кои се заразени од хиповирулентни изолати на габата формираат површински рак-рани, без подлабоко распукнување на кората . На местото на раната доаѓа до хипертрофија, што е различно од вдлабнувањето на кората кое се појавува во случај на инфекција со вирулентни изолати на габата, односно подлабокото распукнување на кората во подоцнежниот стадиум. Во случајот со вакви т.н. заздравувачки рак-рани, не доаѓа до изумирање на ткивото од ксилемот и кората и стеблото продолжува нормално да живее“, објаснува универзитетскиот професор.
За наша среќа, хиповирусот по габата C. parasitica во Македонија е веќе широко распространет, и е главната причина зашто луѓето забележуваат помал интензитет на болеста. Во случаи кога има потреба од додатно распространување на хиповирусот на одредена локација, или пак и за директно третирање на свежи рак рани на одредени стебла, може да се третира со хиповирулентни изолати. Професорот Сотировски, заедно со неговите соработници имаат третирано со хиповируси на неколку локации, во рамки на научни проекти.
Костените како дрвја се цврсти отпорни на гниење, па затоа се среќаваат стебла и гранки кои суви може да стојат со децении. Од друга страна, многу од луѓето кога ќе видат таков пример се разочаруваат па се откажуваат од своите костени, но според професорот Сотировски, иако постои болеста, далеку е од целосно уништување на костените, па подобрувањето на здравствената состојба на питомиот костен е во тренд на подобрување.
Луѓето не треба да се откажуваат од своите костени, тоа е еден благороден вид, дрвото е силно, цврсто и отпорно, со вреден и здрав плод. Има голема важност за природната околина, па освен за луѓето обезбедува храна и за дел од животните.
Тоа што е откриено од научниците дека болеста не го напаѓа коренот, па костеновото дрво може да се избори со габата и да продолжи да живее, дава значаен приказ и на силината на овој вид дрвја. Тие и покрај соочување со оваа болест од корен повторно може да се издигнат, односно избиваат нови коренови зданоци и така продолжува да живее. Костенот може да има повеќе стотици години животен век.
автор: Aлександар Самарџиев
фотографии: Тетово инфо, веб портал: pixabay.com
Поддршката на ЦНВП за производство на оваа медиумска содржина не претставува одобрување на содржината која ги одразува само гледиштата на авторите и ЦНВП не може да биде одговорен за било каква употреба што може да се направи на информациите содржани во неа.