КУД „Бранко Чајка” кое што делува во состав на Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово ги врши последните подготовки за претстојниот настап за традиционалниот Детски фолклорен фестивал наречен „Абрашевиќ во пресрет на Велигден“ кој што се одржува во Краљево, Република Србија.
Фестивалот е од меѓународен карактер. КУД „Бранко Чајка“ ќе се претстави со сплет македонски и српски ора. Организатор на фестивалот е КУД „Абрашевиќ“ од Краљево, ансамбл кој постои од 1926 година. Фестивалот има ревијален карактер и оваа година се одржува на 27 и 28 април, на Лазарева сабота и Цветници, денови кои му претходат на големиот христијански празник Велигден.
Здружението на 15 јуни оваа година во НУ Центар за култура „Иљо Антески – Смок“ во Тетово ќе го одржи традиционалниот, четврти по ред мултиетнички фолклорен фестивал „Фолклорни игри под Шара“.
Учеството на фестивалот и организирањето на манифестација се поддржани од Министерството за култура како проекти од национален интерес во културата за 2024 година.