Деновиве излезе од печат монографијата за животот и педагошката дејност на Анче Бојаџиева – Герасимовска со наслов „Драга учителке“ на авторот Соња Андонов, дипломиран музиколог и музичар-теоретичар, професор во Државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ од Тетово. Издавањето на ова дело претставува проект од национален интерес во културата за 2020 година на Министерството за култура на Република Северна Македонија.
-Монографијата „Драга учителке“ е посветена на Анче Бојаџиева Герасимовска, професор по пијано во пензија и долгогодишен педагог во Државното музичко училиште, родена е во Тетово во 1935 година. Таа работниот век го минува во родниот град, Тетово, како врвен педагог кој своето знаење со огромна љубов им го пренесе на своите ученици. Нејзини ученици денес работат како професори во основни и средни муизички училишта, како и на факултети за музичка уметност. Покрај знаење, таа им ја разви првичната задача која секој музички педагог ја има, а тоа е развивање љубов кон музиката, вели авторот Соња Андонов.
Љубовта кон музиката и желбата и умешноста истото знаење да го пренесе на други, Анче го има наследено од својот татко Глигор Бојаџиев, за тетовци познат како Гиче берберот. Тој, покрај берберскиот занает, умее да свири мандолина и гитара, а го познава нотното писмо. Сето свое знаење во врска со музиката, тој несебично го пренесува на други. Меѓу неговите ученици е и академикот Тодор Скаловски, основоположникот на современата македонска музичка култура.
-Покрај таткото Глигор, во монографијата се претставени и двата лика од нејзиното потесно семејство кои давле свој придонес во музичкиот живот на Македонија – братот Драган Бојаџиев, долгогодишен музички уредник во радио Скопкје и неговата сопруга Соња Бојаџиева, професор и поранешен директор во МБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. Зборувајќи за дејноста на Анче Б. Герасимовска, како и на татко ѝ Глигор Бојаџиев, добиваме слика за музичкото минато на Тетово во 20. век. Сепак, за личноста и педагошката дејност на Анче, најтопло и најискрено зборуваат сеќавањата на нејзините ученици, чии искази се поместени во последниот дел на монографијата, вели Андонов.
Во монографијата реченицата „Се` што научив, научив од мојот професор“ се повторува неколку пати. Анче Герасимовска тоа го кажува за својот професор Ладислав Палфи, а тој истото го кажува за неговиот професор Евгениј Ваулин.Авторката на монографијата вели не стана пијанист, но ја избра музиката за животна професија благодарение на својата учителка Анче.
А.С