Секторот за внатрешни работи Тетовo значително ги засили превентивно-контролните сообраќајни активости во Тетово и Гостивар и повторно апелира, особено до младите, да не седнуваат зад волан без положен возачки испит и да ја доведуваат во прашање сопствената и безбедноста на другите учесници во сообраќајот.
На возачите-почетници, пак, им се советува во доцните вечерни часови задолжително покрај себе да имаат придружник и да не консумираат алкохол.
-Управување возило без дозвола, согласно член 225 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, претставува прекршок за кој е предвидена парична глоба од 250 евра во денарска противвредност, а со толкава глоба че се соочат и сопствениците на возилата кои им ги дале да ги управуваат, иако знаеле дека не го положиле предвидениот возачки испит, вели портпаролот Марјан Јосифоски.
Во изминатите четири и пол месеци од оваа година, инаку на поширокото тетовско подрачје вкупно биле откриени и санкционирани 598 лица кои управувале без возачки дозволи, најмногу патнички моторни возила, но и товарни. На гостиварското подрачје вкупната бројка на санкционирани лица без возачки дозволи годинава изнесува 229.