Природната минерална вода што ја има на две чешми кај излетничкото место Бањиче близу Тетово според последните испитувања не е поволно за човекова употреба, информираат од Центарот за јавно здравје. Од таму надлежните препорачуваат да не се користи се до следното известување.
„Природната минералната вода кај кривината во месноста Бањиче не се препорачува за пиење, бидејќи содржи нечистотија поточно колиформни бактерии и високо ниво на калциум. Водата од чешмата кај џамијата не е за човечка употреба, затоа што има и физичко-хемиски и микробиолошко загадување. Природната минерална вода содржи колиформни бактерии, Ешерихија коли и Ентерококи. Водата не е за човечка употреба, што значи не треба луѓето ни да се мијат, информираше Д-р Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје Тетово.
Водата ќе се испита наредната недела, а се до тогаш од ЦЈЗ, се препорачува граѓаните да не ја користат за пиење и миење се до следното соопштение.