СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.З.(75) од с. Шемшово, С.И.(56) од с.Стрелци, Кичевско и М.Н.(50) од с.Мала Речица, поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“, информира МВР.
-Во јуни 2014 првопријавениот, со намера да го регистрира во државата неговото патничко возило „форд ескорт гаф“, кое не ги исполнува ЕУРО стандардите, му го продал на второпријавениот, со фиктивен странски купопродажен договор, како да бил склучен помеѓу двете лица, но во Германија. Потоа, искористувајќи го законскиот исклучок кој се однесува за македонски државјани кои престојуваат во странство миниум една година без прекин и можноста во странска држава да поседува моторно возило најмалку шест месеци за да може да изврши регистрација на возилото во РСМ, второпријавениот, кој ги исполнува споменатите услови, заедно со третопријавениот кој бил ополномоштен да ги презема сите дејствија за регистрација на возилото, на 04.06.2014 извршиле царинење на возилото на име на второпријавениот, а потоа во Бирото за метрологија при Министерството за економија го употребиле странскиот фиктивен купопродажен договор и потврдата за престој издадена од МВР на РМ-Отсек за управни работи Охрид, по што била издадена потврда за отворање на постапка за идентификација за наведеното возило, и на тој начин извршил регистрација на истото со македонски регистарски таблички, се вели во соопштението на МВР.