На 14 август 2022 година почина Анче Бојаџиева Герасимовска, еден од најистакнатите педагози во седумдецениското постоење на ДМУ „Тодор Скаловски – Тетоец“ во Тетово.
Анче е родена во Тетово на 1 март 1935 година во семејство во кое се негува музиката. Нејзиниот татко е Глигор Бојаџиев, за тетовци познат како Ѓиче берберот. Во периодот помеѓу двете светски војни Ѓиче, иако бербер, еден е од музички најписмените личности во градот кој своето знаење несебично го пренесува на другите. Покрај тоа, тој свири на гитара и мандолина и раководи со гудачки квартет со кој настапува на разни манифестации кои се организираат во градот во тоа време.
На прагот на Втората светска војна семејството Бојаџиеви се преселува во Скопје. По ослободувањето Анче учи во новоформираното Средно музичко училиште во Скопје, а потоа, школувањето го продолжува на Музичката академија во Белград. Како дипломиран професор по пијано, педагошката дејност ја започнува во Скопје, а од 1962 година ја продолжува во музичкото училиште во Тетово. Во периодот 1962 – 1968 година, кога училиштето има прекин во работата, Анче работи како професор по Уметност во тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“. Од 1968 година, кога музичкото училиште повторно се отвара, таа продолжува да работи во него сé до заминувањето во пензија. Низа години, од самото нивно формирање, работи како корепетитор на хоровите „Лале“ и „Менада“ од Тетово.
Во својот работен век таа се истакна како врвен педагог кој своето знаење со огромна љубов им го пренесе на своите ученици. Нејзини ученици денес работат како професори во основни и средни музички училишта, како и на факултети за музичка уметност. Покрај знаење, таа им ја разви првичната задача која секој музички педагог ја има, а тоа е развивање љубов кон музиката. Низа години работи како корепетитор на хоровите „Лале“ и „Менада“ од Тетово.
Во 2020 година излезе од печат монографијата „Драга учителке“ посветен на животот и педагошката дејност на Анче Бојаџиева Герасимовска од музикологот Соња Андонов, една од нејзините ученици. Последниот дел на книгата содржи сеќавања на учениците на Анче во кои тие најтопло, најискрено и најемотивно зборуваат за ликот на нивната драга учителка:
-Кога одев на час кај професорката Анче, се чувствував како да сум влезен во катче на спокој.
-Часот завршува, а јас неспретно собирајќи ги нотите скришум и со воодушевување ја подгледнувам како смирено и со трпение чека да ме прегрне, да ми каже уште некој милозлив збор како да се плаши дека не ми дала доволно внимание и љубов за време на нашето дружење со пијаното.
-Пред да дојде мојот ред, и реков на професорката Анче дека мислам дека нема да отсвирам како што вежбавме со неа. Таа само ме погледна смирено и ми рече: “Отсвири како умееш.” Мислам дека никогаш во живото не бев посигурен во себе, и не верувам дека било кога сум свирел подобро.
-Часовите по пијано со неа беа уживање затоашто умееше на еден многу смирен начин да пренесе, да научи како да ја чувствуваме музиката.
-Со неа се поврзани сите убави моменти од минатото, со сите драги луѓе од минатото, со сите што оставија трага во мојот живот, а меѓу овие луѓе, посебно место има и мојата драга учителка, Анче Герасимовска.
-Нејзината појава, грациозност и насмевка беа вистинска инспирација. Со самото нејзино присуство во училница се создаваше една хармонија која се прелеваше во нотите од партитурите.
-Учителката беше многу пријатна дама со милозлив глас, секогаш со големо трпение знаеше да го пренесе знаењето и да ме натера да ја учам композицијата. Некои композиции од тоа време можам дури и денеска да ги одсвирам.
-Таков питом насмеан поглед, глас што милува, космополитизам на дело, висока култура и педагошки пристап.
Целиот живот ги споредувам овие атрибути кај сите мои образовни фигури и авторитети….ден денес, никој ниту до колена не и стаса.“
Соња Андонов