Со свеченост на градскиот плоштад утре, петок 6 септември со почеток во 11 часот ќе се одбележи Денот на независноста на Македонија 8 Септември.
„По повод Осми септември, роденденот на нашата татковина и 33 години постоење независна, самостојна и суверена Македонија, утре во 11 часот на Градскиот плоштад во Тетово ќе има свечена манифестација. Овој настан е организиран од одделенските наставници од тетовските училишта и во културната програма ќе земат учество учениците од основните училишта „Лирија“, „Гоце Делчев“, „Братство-Миѓени“, „Андреја Савески Ќиќиш“ и „Кирил и Методиј“. Гости на овој настан ќе бидат детскиот хор „Крешендо“ и КУД „Шара“. Тетовчани, дојдете утре во 11 часот на Градскиот плоштад зашто децата ќе пеат за Македонија! Ајде заедно да го прославиме триесет и третиот роденден на нашата татковина! Нека ни е честит Денот на независноста! Нека е вечна Македонија,“ информираат организаторите.
Свеченоста ќе почне со изведба на македонската химна од страна на детскиот хор „Крешендо“, под раководство на диригентките Фотини Георгиадис Кировска и Марија Пулковска Здравковска. Потоа следуваат обраќање и реферат за значењето на празникот подготвена од училиштата, по што учениците ќе продолжат со изведба на музички точки, стихотворби, народни игри и ора и слично.
„Дар од Македонија“ – ОУ „Андреја Савески-Ќиќиш“.
„Македонија слави“ – ОУ „Гоце Делчев“
„Земјо моја“ – ОУ „Лирија“
„Македонско девојче“ – КУД „Шара“
„Своја на своето“ – ОУ „Кирил и Методиј“
„Песна за Македонија“ – ОУ „Гоце Делчев“
„Македонија“- ОУ Братство-Миѓени
„Мојата Македонија“ – детски хор Крешендо