Од 14 до 16 август наставници, ученици од Романија, Турција, Србија и двајца градоначалници од Романија од областа Вранчеа Пинтилие Силвиу од Видра и Дамиан Николае од Пуфешти престојуваа во Тетово како дел од проектот Еразмус+, „Промовирање на инклузија преку воннаставни активности“. Домаќин на активностите беше ООУ „Братство-Миѓени“ Тетово, партнер училиште во проектот.
Проектот „Промовирање на инклузијата преку воннаставни активности“ е развиен како соработка помеѓу Општинското основно училиште „Братство-Миѓени“, Центарот за едукација и развој од Теарце, две училишта од Романија од Пуфести и Видра, две училишта од Србија од Сремска Митровица и Трстеник и училишта од Измир,Турција. Целта е да се создадат поинклузивни образовни средини.
На првиот ден од посетата, домаќините и гостите биле на посета во Општина Тетово на средба со градоначалникот.
„Учесниците од Македонија, Романија, Србија и Турција овие три дена ги согледаа резултатите од спроведеното истражување од тековниот проект за ефективни начини за вклучување на родителите, локалните власти и членовите на заедницата во училишните активности,со стремеж за создавање на училишта кои ја прифаќаат различноста, обезбедувајќи секој ученик да има можност да напредува. За време на работилницата, едукаторите ги усовршија своите вештини за да поттикнат потопла, поинклузивна атмосфера во училиштата. Активностите беа во насока за одредување рамка на новиот водич кој ќе биде круна на проектот и ќе биде исполнет со успешни стратегии од различни институции, дизајниран да помогне да се интегрира целата заедница во училишниот живот, вклучувајќи ги учениците, родителите и локалните лидери, информира Данијела Апостоловска, координаторка на проектот.
Проектот е поддржан од програмата Еразмус+ на Европската Унија.