Државата ќе им плати отштета од еден милион и 51 илјада евра на четири фирми-инвеститори во мали хидроцентрали на Шар Планина, кои не може да продолжат да се градат откако подрачјето стана национален парк, објави сајтот Призма.мк, онлајн публикација на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) Македонија.
Фирмите ги склучиле договорите за концесија меѓу 2011 и 2018 година. Собранието го изгласа Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк на 30 јуни 2021 година, но иницијативата за заштита на ова подрачје почна 27 години претходно.
Во тој долг период, со повеќе истражувања биле потврдени природните вредности со кои Шар Планина ги исполнува условите да добие институционална заштита, но државата, иако ги имаше тие податоци и беше вклучена во иницијативата, продолжуваше да охрабрува економски активности на планината што се штетни за природата, како што е изградбата на мали хидроцентрали, се вели во истражувањето на Призма.