Дел од граѓаните во Тетово и понатаму мака мачат со вода за пиење поради несовесното трошење. Доказ за состојбата е тоа што двата водоснабдувачки системи се во функција и обезбедуваат доволни количини вода за пиење граѓани, а граѓаните велат дека водата со силен притисок ја имаат само во раните утрински часови.
Според информациите од јавното претпријатие за водовод и канализација „Шар“ од Тетово, од филтер станица и системот Лешница има 140 литри во секунда, а од изворите на Шар Планина моментално има доток од 250 литри вода. Вкупно количината на водата што се снабдува градот е 390 литри што е и дури и повеќе од оптималната количина од 350 литри вода во секунда.
„По цел ден немаме вода, а после полноќ шиба вода. Живееме и работиме во ноќ за да може да преживееме денски, крајно измалтретирани сме. 50 години иста приказна“, вели тетовчанка од Блок 70 во допис до нашата редакција.
Денешната анкета со тетовчани покажа дека водата ја снемува по неколку часа и во делови од градот каде што ретко имало проблеми.
„По два саати три некогаш нема вода, дали е редукција не знам. Секогаш Тетово има проблем со водата. Треба да се реши, плаќаме, кај се парите“, вели жител на Тетово.
„Постојано чекаме, ќе чекаш, ќе чекаш еднаш чаша да се наполни, да се напиеш. Мака, купуваме кисела вода, па пиеме, ама не е тоа тоа. Треба за сè, за манџа, за кафе да направиш, за едно за друго“, вели повозрасна жителка на градот во месната заедница „Борис Кидрич“.
„Има дефекти почести и кога се копа влегува тиња, па се испрерува па добро е. Ние сме пониски во куќа, хидрофорот работа и спас. Инаку нема. Пена да се собере ќе има, ама не е тоа тоа. Цело Тетово е со буриња, хидрофори. Ми цркна хидрофор, 400 евра платив. Не е мала сума, ама мора“, вели тетовец кој живее кај стадионот.
„Горе што се куќите Два бреста, Певчина, добиваат навечер во 2, 3 саат полнат вода. Шара ние е тука има 100 извори. Повеќе шетам по планините, не се искористени, да ги соберат на едно место пад да има и да ги пуштат“, ни посочи тетовец од булевар „Благоја Тоска“.
Од почетокот на оваа недела од ЈКП „Шар“ известија дека е почната акција за поставување и ставање во функција на водомери во сите домаќинства како и кај малите и големите претпријатија.
„Ова се прави со цел граѓаните да плаќаат само за потрошената количина на вода. Со оваа иницијатива сакаме да ги спречиме злоупотребите што ги овозможува сегашниот платен систем. Работиме во насока на обезбедување на доволна количина на вода за пиење за сите населби и населени места во општината, но и на намалување на злоупотребата на водата од страна на граѓаните кои до сега го искористуваа недостатокот на водомери, информираа од ЈКП „Шар“.
Од таму посочуваат дека водомери се поставуваат и во пералните за возила, кои поради видот на работата користат голема количина на вода. Според нив, има соработка со сопствениците и се брзо се поставуваат водомерите.
ас