По објавите на Општина Тетово и ОК ВМРО ДПМНЕ Тетово повлечена е одлуката за давање на една од зградите на Стара медицина на трајно користење на Агенцијата за катастар на недвижности. Ваква одлука најави вицепремиерот Артан Груби преку објава на социјалните мрежи информирајќи дека Владата ќе ја повлече одлуката.
-Во врска со изнесените полемики денес во јавноста за давањето на стариот објект на Средното медицинско училиште во Тетово во служба на Агенцијата за катастар на недвижности, би сакал да дадам објективно разјаснување на целата ситуација и да појаснам дека во одобрувањето на оваа одлука од страна на Владата нема никаква намерна тенденција.Ваквата одлука првично е донесена на барање на Агенцијата за катастар во 2021 година, во времето кога општина Тетово ја водеше г-ѓа Теута Арифи.Владата тогаш ја разгледа разумноста на ова барање за задоволување на просторните потреби на Агенцијата за катастар, која ја чуваше документацијата на несоодветни простори и даваше услуги во непристојни услови за граѓаните на Тетово и ја усвои одлуката, но на барање на општината тогаш и ги врати просториите на располагање на училиштето.Агенцијата за катастар го повтори барањето оваа година со образложение дека постојат простории кои не се користат. Без никаква намерна тенденција, исто како и во 2021 година, Владата ја усвои одлуката тие простории да преминат на користење на наведената агенција за да им служат на граѓаните на Тетово. Но, наоѓајќи се секогаш во служба на потребите на граѓаните, потенцирам дека барањето на родителите и учениците за потребата од користење на тие простории е апсолутен приоритет за мене и за Владата, затоа и без никакво двоумење веќе од вторник, Владата ќе го врати на нивно располагање стариот објект на Средното медицинско училиште во Тетово, исто како што направивме и пред една година.Ние им служиме на нашите граѓани без никаква резерва и немаме заробен ум или злобна душа да им се одмаздиме на граѓаните или институциите, тоа го докажавме во изминатите 21 година и тоа никогаш нема да се промени, порача Груби.
Градоначалникот на Тетово Биљал Касами соопшти дека средношколците ќе учат каде што учеа и досега.
-Добиена битката со Владата на СДСМ-ДУИ. Почитувани граѓани и почитувани тетовци. Денеска на прес-конференција изразив загриженост за тоа како Владата на ДУИ-СДСМ незаконски потпишала одлука, со која училишниот објект познат како „Стара медицина“ се дава на користење на Катастар. По притисокот што ние како општина денеска го извршивме врз Владата, добивме информација дека оваа незаконска одлука ќе се повлече и учениците ќе продолжат да учат во истиот објект. Интересот на секој граѓанин за нас е во прв план и нема да дозволиме тетовскиот народ да биде оштетен од оваа власт. Ќе бидеме рамо до рамо со учениците, родителите, граѓаните и ќе се бориме со секоја неправда направена кон нашите граѓани, порача Биљал Касами.