Секторот за внатрешни работи Тетово продолжува со засилени сообраќајно-контролни активности за поголем ред и безбедност на патиштата на тетовско-гостиварското подрачје.
Вчера (18 јуни) од 15 до 21 часот спроведена е акциска контрола за брзина, во рамките на која биле откриени и санкционирани вкупно 68 возачи кои ја пречекориле максимално дозволената брзина надвор од населено место (ТЕ-39 и ГВ-29). Четири од нив (ГВ) се движеле со над 70 километри повеќе од пропишаната брзина, а 26 возила (ТЕ-11 и ГВ-15) со брзина за 50 до 70 километри на час повеќе од дозволената.
На сите им се изготвени поднесоци и тие ќе се соочат со парични глоби кои се движат од 45 до 400 евра во денарска противвредност, а зависно од големината на пречекорувањето на некои од нив времено ќе им бидат одземени и возачките дозволи од три месеци до една година.
Покрај ова, биле санкционирани и 39 пречекорувања на брзината во населено место (ТЕ-37 и ГВ-2), како и 6 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-3 и ГВ-3).
Секторот за внатрешни работи Тетово во наредниот период уште повеќе ќе ги интензивира ваквите активности, зашто претстои период со зголемен број возила на патиштата во регионот и посебно на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје и магистралата Гостивар-Кичево. Тоа подразбира максимална внимателност на возачите и прилагодување на брзината според условите на патот, прописно да престигнуваат и навреме да извршат проверка на техничката исправност на возилата, пред се оние кои планираат патување на подолги летни туристички дестинации.