Вчера (1 мај) од 17 до 22 часот на поширокото тетовско подрачје спроведена е акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возило под дејство на алкохол. При контролата биле откриени и соодветно санкционирани 11 возачи кои управувале возило под дејство на алкохол, од кои кај еден било утврдено над 1 и пол промили алкохол во крвта. Сите се исклучени од сообраќај, времено им се одземени возачките дозволи и ќе се соочат со предвидените парични глоби кои за овој вид прекршок се движат од 225 до 275 евра во денарска противвредност, зависно од степенот на нивната алкохолизираност.
При контролата, исто така, биле санкционирани и 4 други видови сообраќајни прекршоци, како и 3 на гостиварското подрачје.
Секторот за внатрешни работи Тетово уште еднаш апелира до возачите да се воздржат од консумирање алкохол доколку управуваат моторни возила, без разлика на поводот и воопшто. Ова, подеднакво се однесува и на мотоциклистите кои деновиве ги има се повеќе на патиштата и улиците во поширокиот Полошки регион, а каде уште повеќе ќе се засилат планираните превентивни и други контролни активности. Мотоциклистите се потсетуваат, исто така, задолжително да ги регистрираат мотоциклите, навреме да ја проверат техничката исправност на истите и секогаш да користат заштитни шлемови, односно кациги. Зашто, во спротивно ќе се соочат со поднесоци и со парични глоби кои се движат од 50 до 500 евра во денарска противвредност