Соопштение на ОК ВМРО ДПМНЕ Тетово: Ги повикуваме институциите на Република Македонија да превземат енергични мерки и да постапат според Уставот и важечките закони во врска со поставувањето на билборди само на албански јазик со кои е пречекана претседателката на Република Косово во Општина Тетово.
Воедно поздравувајќи ја добрата соработка помеѓу Република Македонија и Република Косово, сметаме дека е добро да градиме добрососедски односи, но, остро се спротиставуваме на злоупотребувањето на Уставот и законите на Република Македонија и цениме дека е недозволиво девалвирањето на употребата на Македонскиот јазик како единствен службен јазик како и државното знаме.
Упатуваме апел до институциите на системот на Република Македонија својата енергија да ја насочат кон борба за право и правда, сузбивање на корупцијата и заедничко унапредување на Република Македонија на патот кон Европската унија. Тој пат се оди само со почитување и лојалност кон уставно-правниот поредок на кој почива македонската држава.