Интегралното обраќање на градоначалникот Биљал Касами по повод отчетот за една година раководење со Тетово.
Една година заедно за подобро Тетово – вратени долгови, нови проекти! Почитувани мои сограѓани, Почитувани присутни, Пред една година кога ја добив Вашата поддршка да бидам градоначалник на општина Тетово, пред мене беше еден голем и тежок предизвик -да ја водам една од најзадолжените општини во државата, со наталожени купишта нерешени проблеми од предходното раководство. Изминатава година е доказ дека една општина може да се води поинаку, дека градот може да се развива и напредува. Со искрена и посветена работа и истрајност, резултатите се видливи.
И покрај сите тешкотии и притисоци со кои се соочуваме како и наследениот милионски долг, ние успеваме успешно да го трасираме патот кон кој целиме- модерен град кој се развива и станува подобро место за живеење за сите. Успеавме да вратиме долгови, а истовремено да реализираме нови проекти! Раздолжувањето ни беше меѓу главните приоритети. Да вратиме дел од долгот, да ја одблокираме сметката на општината за да можеме да реализираме проекти. Успеавме да исплатиме над 3 милиони евра од наследениот долг, но во исто време, продолживме со зголемен интензитет со реализација на инфраструктурни проекти. Работевме интензивно на подобрување на инфрастуктурата. Го посетивме секое маало и почнавме со работа- реконструиравме улици, го санираме секое оштетување на патната инфраструктура, обезбедуваме повеќе паркинг места, го ослободуваме узурпираниот јавен простор.
Градот го менува ликот, комплетно го завршивме проектот за улицата “Страшо Пинџур”, која сега изгледа урбано, со нова атмосверска и фекална канализација, тротоари, зеленило, осветлување. И на улицата “Сами Фрашери” направивме целосна реконструкција, со нов асфалт, атмосверска и фекална канализација, ново осветлување. Ги завршивме сите градежни работи и на улиците “194”, “161”, ”141”, како и улиците “Јане Сандански” и “Димо Гавроски Кара”. Просторот околу православните гробишта, каде со години имаше дива депонија, конечно го уредивме како што доликува за едно вакво место.
Веќе нема купишта смет, улицата ја асфалтиравме, обезбедивме соодветно обележани паркинг места, го осветливме просторот. Го уредивме и рекреативното место Бањиче, поставивме нова урбана опрема, осветлување, партерно уредување на паркинг места, парк за наjмалите. Тековно работиме и на други останати проекти, реконструкции на улици, пополнување на ударни дупки, поставување на хоризонтална и вертикална сигнализација, нови сообраќајни знаци, столбчиња на тротоарите за безбедно движење на граѓаните.
Веќе подолг период тече и акцијата за ослободување на узурпираниот јавен простор. Оваа акција на наше големо задоволство наидува на поддршка од страна на граѓаните, кои веќе и самите почнаа да го ослободуваат јавниот простор. Нашата администрација успеа за рекордно време да го заврши речиси целиот процес на легализација. Имаше предмети кои беа запоставени и чувани во фиоки цели осум години. Затекнавме 3268 предмети кои со години не биле процесуирани. За период од шест месеци изготвивме 1334 заклучоци, 235 урбанистички согласности, 212 решенија, 349 за кои Советот на општината треба да донесе одлука, 311 предмети се разгледуваат во жалбена постапка од страна на судиите, 379 се извршени во катастарот и голем број предмети се спроведени на терен. Единицата за реализација на урбанистички планови за една година има дадено 155 одобренија во кои се опфатени изградба, надградба, доградба, реконструкција, адаптација и редестинација. Започна и подготвителната фаза за промена и проширување на генералниот урбанистички план.
Вреди да се напомене дека Одделението за експропријација за само 20 дена заврши работа која шест години била запоставуваа и незавршена. Станува збор за процесот на експропријација кој е поврзан со проектот на колекторот и филтрационата станица за отпадни води за Тетово и селата Џепчиште, Порој, Голема и Мала Речица и Фалише, проект вреден над 30 милиони евра. За краток период завршени се над 2000 предмети кои се доставени до Одделението за имотно правни работи при Министерството за финансии за да ги информира странките. Сериозно работиме на решавање на проблемите со комуналниот отпад во градот.
Проектот за регионалната депонија Русино се одвива според планот. Ги чистиме дивите депонии низ градот, создадени пред повеќе години. Успешно ја реализиравме акцијата Генералка викенд од која бевме дел заедно со 20-тина други општини, при што се собраа над 185 тони отпад. Обезбедивме 100 контејнери донација од општина Коња. Во последен момент успеавме да го добиеме проектот за петнаесет полуподземни контејнери и два камиони обезбедени од Светска банка. И покрај потешката состојба во која се наоѓа ЈКП, екипите се секојдневно на терен, уредувајќи го зеленилото и грижејќи се за чистотата во градот.
Како еден од поважните сектори, овде планираме краткорочни и долгорочни решенија за конечно да имаме ефикасна и функционална служба. За една година успеавме ЈП “Градски паркинг”, кое го затекнавме во хаос и долгови, да го реорганизираме за денеска да работи непречено и без блокирана сметка. Обезбедивме повеќе од 500 нови паркинг места, преку изградба на отворени и затворени паркинзи. Го решаваме проблемот со сообраќајниот хаос и веќе имаме поголем ред низ улиците. Градот доби и јавен превоз кој е поекономичен избор за транспорт на нашите граѓани, воедно и придонесува за намалување на загадувањето.
Меѓу првите општини сме кои сериозно пристапија кон решавање на проблемот со бездомните кучиња. Подготвивме проект, кој го доби и менаџира здружението АМОС Шелтер. Веќе се спроведоа првите акции за заловување и третман на кучињата. Продолжуваме тековно со проектот за решавање на овој децениски проблем. Ги стимулираме нашите вработени кои треба Вам да Ви служат. Прво ги зголемивме платите на нашите херои пожарникари, кои предходно воопшто не беа ценети и почитувани. Освен зголемување на платите, пожарникарите добија и подобри услови за работа, уредени простории, нова опрема, организирање на обуки. Обезбедивме две нови специјални теренски возила, добивме и донација подвижни скали во вредност од 200 илјади евра. Го отворивме фитнес центарот кој сега го користат нашите пожарникари. Јавната администрација исто така доби покачување на платата. Воедно направивме и системска рероганизација.
Веќе нема работници кои седат дома, а земаат плата. Воведовме флексибилно работно време. Администрацијата треба да работи продуктивно и во корист на граѓаните, кои самите тоа го потврдуваат преку зголемениот процент на наплата на обврските кон општината. Инвестираме константно и во образованието, културните и спортски активности. Транспарантноста и отчетноста е наш императив. Секој месец се реализираат средби со граѓани, овозможивме онлајн следење на Седниците на Советот, јавно ги објавуваме договорите на дело. Работиме транспарентно и со чист образ, што резултираше општина Тетово да се искачи на врвот на листата за активна транспарентност во полошкиот регион, со скок на 72% . Почитувани тетовци, И јас сум еден од Вас, Вашите проблеми се и мои и со нив заедно се соочуваме. Ви ветувам дека продолжуваме неуморно со работа, да го вратиме Тетово на прав пат, да го направиме модерно и подобро место за живеење за сите нас. Верувам цврсто дека пред нас се години на развој и напредок на нашето Тетово! Вашата доверба, нема да ја изневерам.