Владините министри преку церемонија означија почеток на градба на обиколница за Тетово. Оваа делница ќе биде можност од автопатот Тетово-Скопје наместо во градот да се оди преку нов пат од, 5,4 километри до регионалниот патен правец Тетово-Јажинце. Од автопатот треба да се исклучува кај клучка Требош, а да завршува кај Непроштено.
-Изградбата на оваа обиколница несомнено е проект со кој ќе го забрзаме економскиот развој на регионот, ќе го растеретиме сообраќајот и ќе го олесниме пристапот на многу компании кои работат во овој дел на државата. Оваа инвестиција од преку 12 милиони евра е значаен придонес за развој на патната мрежа низ Северна Македонија, но верувам дека ќе биде огромно олеснување за сите граѓани од Тетово, Желино, Теарце, Јегуновце и сите останати кои се поврзани со овие општини, посочи во говорот министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
-Започнавме со реализација на најголемата капитална инвестиција во историјата на нашата земја, изградбата на Коридорот8 и Коридорот 10-д, европски коридори кои ќе не поврзат со исток и запад, со што Северна Македонија станува клучен транзитен центар, истакна техничкиот премиер Талат Џафери.
Средствата се обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) како дел од годишната инвестициска програма. Предвидено е да се изградат 5,4 километри пат, односно обиколницата ќе има по две коловозни ленти од двете страни во ширина од вкупно 6. 60 метри. Од двете страни на патот ќе има паралелни тампонски сервисни патишта по целата должина на делницата со ширина од околу три метри.
На новинарско прашање за неговото присуство како технички премиер на промоција на капитален проект, Џафери рече дека една од обврските на Владата е да организира избори и оти ги има сите надлежности согласно законот и Уставот и ќе ги исполни сите активности и надлежности.
-Изборите не се распишани, може да толкувате како сакате, јас ги извршувам моите дневни обврски, рече Џафери, прашан дали настанот е предизборна кампања.
Како што образложија од ЈПДП предвидени повеќе објекти, како кружен тек, надвозник над пругата и пропусти.
Обиколницата треба да се направи за 15 месеци, како првата фаза за реализација на проектот, а со втората фаза е предвидена изградба на клучката Требош за што е почнато проектирање. Обиколницата ќе ја гради ГП „Гранит“, а воедно почнат е и процесот за експропријација.
ас