Екипа од Драмско студио при Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ од Тетово утре, петок 9 јуни ќе се претстави пред публиката со изведбата на претставата „Професионалец“ по текст на српскиот драмски писател Душан Ковачевиќ. Саше Серафимовски е режисер и толкува една од улогите, додека останатите ликови ги играат Раде Наумчеввски, Маја Николовска, Миќо Стојчевски додека соработник е Ладо Савески.
Режисерот вели дека текстот на Ковачевиќ од пред повеќе децении е безвременски, актуелен и сега и затоа се одлучил на тој избор.
– Текстот на Ковачевиќ прави одлична аналогија на времето од кога е напишан, до ден денешен. Во еден друг систем гледаме дека тој поранешен систем е на некој начин ископиран и во овој денешниот преку флоскула демократија. Текстот е безвременски, нема рамка секогаш актуелен. Сметаме дека Тетово треба да види сериозна и квалитетна драма од познати автори, која е балканска класика. Дело кое треба да поттикне на сериозно размислување околу општествените појави, се тоа врз онаа брилијантна идеја на Душан Ковачевиќ-тажна комедија, дали публиката повеќе ќе се концентрира на тагата или на комедијата ќе процени публиката, порача Серафимовски на денешната прес-конференција.
Раде Наумчевски кој ја има улогата на Мирослав Кокањац вели дека толкува лик кој успева да го каже она што многу малку луѓе осмелувале да го направат.
– Да објасни дека и покрај тоа што денес живееме во едно време што ние го нарекуваме демократија, а претходното сметавме дека е еднопартиски систем, работите не се многу променети. Затоа што и тогаш без нечие знаење не си можел да дојдеш на некое повисоко работно место, а за жал и денес е истото. Сето тоа е испреплетено со сеќавања, досетки, коишто и како се случувале во времето, за да на крај се „соблече“ целата состојба и да се отвори целата вистина, истакна Наумчевски.
Единствениот женски лик го толкува Маја Николовска.
– Јас имам споредна улога на Весна секретарка но и таа како лик е клучна поради тоа што нели е секретарка или тајница, па има некои тајни коишто само таа ги држи во свои раце, рече Николовска.
Претставата ќе се одигра на големата сцена на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во петок со почеток од 20 часот.
ас