По испаѓањето од Втора во Трета лига фудбалскиот клуб Тетекс како шеф на стручен штаб го презеде Марјан Билбиловски, кој минатата година беше тренер на младинците и кадетите. Тој во првата екипа ги носи претежно сите играчи кои минатата година настапуваа во младинската Супер лига.
„Со младинците од изминатата сезона се приклучивме на првиот тим, остана и двајца од фудбалерите од минатата сезона Меритон Салију и Стефан Стефановски, а ќе се приклучи Блашко Николовски, како поискусен. Така играчкиот кадар е цел составен од младите играчи. Со редовни тренинзи се надеваме дека ќе успееме да конкурираме што побрзо да се вратиме во Втора лига“, изјави Марјан Билбиловски.
Екипата веќе две недели тренира на фудбалското игралиште на Спортскиот центар во Тетово и така ќе биде се до почетокот на првенството во Третата лига кое треба да биде на 8 или 15 септември. Досега ФК Тетекс играше и неколку пријателски натпревари со Еуромилк од Скопје и Џепчиште.
Во Трета лига запад освен Тетекс, ќе играат и Љуботен, Вардар Брвеница, Џепчиште, Дрита Боговиње, Напредок Кичево, Зајас, Слатино, Доброште и Речица.