Откако се намали водостојот на реката Пена во текот на август забележителни беа големите количини на смет кои несовесните граѓани го фрлаат таму, па практично речното корито повеќе наликува на депонија. Жители на Тетово во дописи до нашата редакција велат дека цело лето фрлањето на отпад е пријавувано до надлежните до општината, но и дека немало реакција.
„Оваа појава е со години, локалците ѓубрето да си го фрлаат во река. Сега поради сушата има толку многу насобрано што е практично депонија“, алармираат дел од граѓаните.
Општина Тетово информираше дека денес, сабота 31 август е почната акција за чистење на коритото на река Пена.
„Сабота на работа! Денеска излегов на терен да ја видам одблиску акцијата за чистење на коритото на река Пена. Оваа акција опфаќа чистење на коритото, како и сечење на гранки од дрвја кои моментално го попречуваат течението на реката. Оваа акција има за цел да обезбеди послободен и порегулиран проток на реката, минимизирајќи го ризикот од поплави и зачувување на интегритетот на природната средина. Ги повикувам граѓаните да се грижат за животната средина и да не фрлаат ѓубре во реката, вели градоначалникот во објава на социјалните мрежи, која ја пренесе службата за односи со јавноста и комуникации.
Како и неколку пати досега Општина Тетово не ги повикува сите новинари, па немаме одговор на повеќе прашања – дали чистењето е само денес и колку често ќе се практикува и друго.