Конзерваторите од Националниот конзерваторски центар најдоа уште еден фрагмент од најстариот фрескоживопис од 13 век, фреска од архиерејот Кирил Александриски во црквата Успение на Пресвета Богородица во Лешочкиот манастир. Тука пред неколку недели беше откриено трослојно сликарство односно фрескоживопис од 13, 17 и 19 век.
Откритијата беа повод министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денес во тетовски Лешок да ја посети црквата Успение на Пресвета Богородица.
Конзерваторот Владо Мукоски потенцираше дека токму поради вакви нови работи кои конзерваторите ги наоѓаат особено е важно да имаат подобри услови за работа.
– Откриевме архијереј, наверојатно станува збор за Кирил Александриски, допрва историчарите ќе имаат доста работа за да го констатираат периодот од кога датира ова сликарство. За секој случај станува збор за старо и вредно сликарство. Самиот тим работеше макотрпно на раслојување на сите слоеви и успеа да ги сочува и живописот, што е реткост во светски рамки. Разговаравме за долгогодишно финансирање на вакви работи и поддржување на овие работи. Затоа што е ова деликатна работа и бара континуитет. И министерката се увери во самиот наш потфат и успех и се надеваме дека ќе имаме големи резултати. Сето ова треба да нè радува и ова е порака од бога, затоа што на 22 јуни е празникот Кирил Александриски. Тука сме неколку години. Не очекувавме, не може да се претпостави со што ќе се соочите наредната година, сите овие откритија фрлаат друга динамика на работите, ги менуваат, не може да се предвидат овие откритија. Ова сега што сега е откриено, бара едно друго темпо, долгорочно темпо на работа и една соодветна презентација, посочи Мукоски од Националниот конзерваторски центар.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска посочи дека проекти и откритија како ова сè уште поголема потврда дека има потреба за повеќегодишни финансирања на вакви работи наместо досегашната практика со одвојување на средства во фази.
Досега не се дозволуваше повеќегодишно финансирање, па сега се менува законот за заштита на културно наследство исто и стратегијата за заштита, со што, според министерката ќе се овозможи повеќе годишно финансирање од областа на заштитата.
– Проекти како овие навистина ни покажуваат дека треба да имаме се повеќе вложувања во областа на културата и еве можеби ова ќе биде еден апел за да имаме што повисоки буџети во Министерството за култура. Меѓутоа, тоа не е единствената да кажам засега пречка она што сега не го дозволуваше законот. Тоа е повеќегодишно финансирање. Ние не само за оваа работа за работите во црквата, во внатрешноста, туку и за реконструкцијата на конаците, ќе направиме правно да биде издржано повеќе годишно финансирање преку информација на Влада за да бидеме сигурни дека од овде овие работи ќе бидат постојано на приоритетна листа на институцијата и дека ќе се завршат. Кога ќе се осигураат и финансиите кога ќе се осигура и правната рамка, тоа значи дека работата е веќе пола завршена, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Министерката ја пречека и митрополитот г. Јосиф, кој порача дека се надева на реализирање на ветувањата со оглед дека станува збор за исклучително културно и духовно наследство кое е пронајдено.
ас