Соопштение на Сојузот на борци на Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија и граѓаните продолжувачи од Тетово:
Сојузот на борци на Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија и граѓаните продолжувачи, со особена загриженоста и внимание ја прими веста дека на 36-татат седница на Советот на Општина Тетово советниците формирале работна група за преименување и именување на улиците на територија на Општина Тетово.
Имајќи го предвид минатото поведение на локалната власт и сензитивноста на материјата, цениме дека е потребно навремено, гласно и јасно да испратиме предупредување дека за Сојузот на борците на НОАВМ, како и за граѓаните на Тетово, воопшто не е прифатливо менување на ниту едно име на улица, која носи име на партизан или деец на антифашистичката коалиција која го победи фашизмот. Исто така е целосно неприфатливо и спротивно на Уставот да се размислува за именување улици и јавни површини со имиња на фашисти и балисти, бидејќи светската историографија јасно ја утврдила нивната улога во минатото, се вели во соопштението испратено од Сојузот на борците.
Веруваме дека помеѓу народите во државата и регионот, мир, братство и разбирање се можни, доколку не се остави простор за искривување на вистината и вистинските вредности и доколку сите се угледаме на жртвата и придонесот на вистинските великани кои го поразија фашизмот во сите негови појавни форми. Апелираме до градоначалникот и членовите на Советот, да не дозволат подигнување на меѓуетнички тензии туку да се поттикне хармоничноста на меѓусебните односи преку посветеност кон задоволување на вистинските потреби на граѓаните.