Соопштение СВР Тетово 26 август 2024
Секторот за внатрешни работи Тетово ги интензивираше планираните подготвителни активности за непречено и безбедно одржување на традиционалните свечености по повод престојниот православен христијански празник „Голема Богородица“, кои на 27-ми и 28-ми август ќе се организираат во манастирскиот комплекс во село Лешок.
Во рамките на овие активности, покрај другото, се известуваат граѓаните дека ќе биде воведен посебен сообраќаен режим кој ќе започне да се применува на 27-ми август во 16 часот. Притоа, влезот кон манастирскиот комплекс ќе се реализира преку главната клучка од регионалниот пат кон селото Лешок, а излезот преку локалните улици кон селото Слатино. Со цел полесно да се ориентираат возачите, на неколку места ќе се постави соодветна сообраќајна сигнализација, а ќе бидат распределени и полициски службеници кои ќе го регулираат одвивањето на сообраќајот во двете насоки.
Покрај ова, на сите граѓани кои со возила ќе пристигнуваат до манастирскиот комплекс им се укажува да ги паркираат само на определените локации за таа намена и да ги почитуваат наредбите на полициските службеници кои ќе го насочуваат движењето на возилата кон манастирскиот комплекс и обратно.
На граѓаните им се препорачува, исто така, при пристигнување до манастирскиот комплекс да не ги оставаат возилата на локалниот и регионалниот пат, да бидат трпеливи, непотребно да не брзаат и да не седнуваат зад волан под дејство на алкохол.