Советничката група на ДУИ одржа прес-конференција од која ја обвини општинската власт дека шест месеци откако булеварот „Благоја Тоска“ е пуштен во употреба, нема согласност од Секторот за внатрешни работи. Тие тврдат дека согласно сообраќајните прописи, секој пат на кој се менува режимот на сообраќајот, треба да добие дозвола од надлежните институции, а тоа во случајов е СВР Тетово.
– Општина Тетово не направила такво нешто бидејќи воопшто не се заинтересирани за безбедноста на граѓаните а булеварот е пуштен во употреба без почитување на клучните процедури. Како последица на ова, постојано се зголемува бројот на сообраќајни незгоди на оваа крстосница од патот „Б. Тоска“ и „29 Ноември“. Граѓаните секојдневно се изложени на ризик, а општина Тетово не презема ништо за регулирање на сообраќајот, поточно поставување семафори или кружни текови, истакна Шпреса Ќазими, советничка од редовите на ДУИ.
Советниците сметаат дека општината повеќе мисли на политика отколку на реални потреби на граѓаните.
– Ова раководство е подготвено да даде се од себе само за ситни политички поени, не штедејќи ја ни безбедноста на граѓаните. Уште колку несреќи треба да се случат да се направи нешто? Дали треба да умираат невини граѓани за потоа општината да се разбуди? Апелираме до градоначалникот на општина Тетово и неговиот клан, кои се претворија во урбана мафија, да го свртат фокусот кон безбедноста на граѓаните и итно да преземат мерки за регулирање на сообраќајот како што е предвидено со сообраќајните прописи. Животот на граѓаните е поважен од политиката и од куќите што ги градите, истакна Шпреса Ќазими, советничка од редовите на ДУИ.
ас/