Општина Тетово го започна процесот за преименување на улици. На денешната 36-та седница на Советот на Општината беше усвоена Предлог–Одлуката за формирање на Рабoтна група за преименување улици кои веќе имаат определено име и именување на улици на кои името им е определено со работен број.
Со преименувањето е предвидено да бидат опфатени 200 улици и куќи кои немаат број, затоа што се јавува проблем при доставувањето на сметки, велат од локалната самоуправа.
Комисијата се состои од 9 члена, од сите политички партии кои се дел од Советот.
„Во првата фаза се работеше на идентификација на улиците. Во Општина Тетово има 47 нови улици и 150 улици со број и со куќи без број. По втората фаза, односно формирање на комисијата, ќе се предлагаат нови имињата, при што е предвидено да има правична застапеност на сите етникуми во Тетово. Конечна одлука ќе има Советот, кој треба да ги усвои предложените имиња, како во градот, така и во селата. Досега имавме проблем фактурите и решенијата да ги доставиме до граѓаните лично“, велат од Општина Тетово.
На денешната Седница, советниците меѓу другите точки на дневен ред, ги изгласаа и Предлог-Одлуката за потребата за определување на заштитни зони во изворите на Лешница, како и Предлог-Одлуката за поделба на фактурите за вода и канализација од заедничката фактура за отпад и јавната чистота.
ас