Давид Богојевски од тетовско Јегуновце, ученик во трета година во Државното музичко училиште „Тодор Скалоски-Тетоец“ на инструмент хармоника ќе настапи на 77-ми Светски куп по хармоника во Италија. Меѓународниот музички настан се одржува во италијанскиот град Кастелфидардо од 3 до 10 септември, а Давид Богојевски ќе настапува на 6 и на 9 септември во јуниорска категорија.
Во државното музичко училиште „Тодор Скалоски-Тетоец“, Давид Богојевски е ученик во класата на професорот Косто Тодоровски. Ова е втор пат како учествува на Светскиот куп за хармоника.
Пред настапот на Светскиот куп, Давид Богојевски го очекува и самостоен рецитал на 3 септември во концертната сала на Музеј на тетовски крај, поранешен Дом на Армијата во Тетово со почеток во 18 часот и 30 минути.
Кастелфидардо во Италија е познат како град „Домот на хармоника“. Давид е роден во декември 2006 година.