Станарите од четирите згради на улицата „114“ познати како Чешел на самиот плоштадот во Тетово ги отстраниле лимените гаражи откако такви решенија добиле од општинскиот инспекторат со ветување дека просторот ќе се уреди како паркиралиште, но бидејќи ништо не е направено местото сега наликува на депонија.
Особено револтирани се станарите од четвртата зграда кои го испочитувале добиеното решение на општината ги размонтирале гаражите уште пред неколку недели. Општината досега не направила ништо, па празниот простор е искористен само од несовесни граѓани кои оставаат смет.
„Ни дадоа решенија да ги отстраниме гаражите со рок. Од тој рок има поминато повеќе недели, нив никаде ги нема и наместо зонски паркинг стана депонија. Ние од општината ништо не добивме, а побараа да се отстранат гаражите со рок од седум дена. Ние го испочитувавме тоа.И сега доаѓа со возило, го паркира фрла две-три вреќи ѓубре и заминува. Што сака да нека направи само да се среди ова. Да, ни треба паркинг, пошто има доста возила, а доаѓаат возила од страна. Нека се стави рампа или сами да ставиме, да се реши еднаш засекогаш проблемот“, изјави Горан Николоски, станар во зградите „Чешел“.
Неговиот сосед Јонуз Даути објасни дека нивната, трета по ред зграда, го има приватизирано дворното место, но сега поради ситуацијата купиштата смет се оставаат и во нивниот простор.
„Ние од вториот влез од број 7, имаме купено 16 сопственици 1400/1500 квадратни наше земјиште, не може да прави паркинг. Ние бараме да се расчисти ова ѓубре, луѓето ги натера на сила да рушат гаражите и го остави ова ѓубре. Да се расчисти и да ни дозволи да поставиме ние рампа да нема диви паркирачи овде, да си влегуваме и да излегуваме. Нека дојде да си го расчисти ѓубрево како што ветуваше во предизборна кампања. Идат изборите нека му ја мисли, дали ќе добие овде глас. Треба да се реши овој проблем. Не може да прави паркинг на туѓо земјиште. Нека им дозволи да на луѓето да си го купат земјиштето, останатиот дел, ние да си ставиме рампа“, изјави Јонуз Даути.
Никола Глигуриески потсети дека од секогаш во „Чешел“ има метеж поради паркирање на возила. Со оглед дека се во центарот на градот, сите таму доаѓаат да најдат бесплатно место за паркирање. И тој смета дека треба да се уреди просторот како паркиралиште со цел да се воведе поголем ред.
„Имаше пожар во оваа зграда, ни пожарна не може да пројде. Сè паркирани се од страна, од овде нема никој паркирано. Цел комплекс што имаат дуќани 90% им се овдека паркирани возилата. Од нашите зградите 10-15% коле што го имаме ние. Нема кај да се паркираш, нека биде со плаќање ќе платими, зонско како што го викаа, нека се обележи тоа, плаќање годишно и заврши емисијата, тоа е најлесна работа. Овде рушија гаражи и стана депонија цела“, рече Глигуриески.
На 12 август по електронска пошта до Општина Тетово доставивме прашање за тоа како и кога ќе се надмине ситуацијата во овој дел од градот. Одговор од Општина Тетово не пратија.
Во текот на јули објавивме дека граѓаните од повеќе населби во градот изразуваат загриженост дека и покрај уредна документација за гаражи Општина Тетово има намера истите да им ги отстрани.
ас
Загрижени граѓани: И покрај уредна документација Општина Тетово бара отстранување на гаражи