Секторот за внатрешни работи Тетово ги засили, а во наредните денови уште повеќе ќе ги интензивира планираните контроли на лицата кои управуваат електрични тротинети и кои не се придржуваат на сообраќајните правила и прописи што се однесуваат на оваа категорија учесници во сообраќајот.
СВР Тетово ги потсетува сопствениците на електрични тротинети дека согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (член 130) тие треба да се движат исклучиво по велосипедски патеки или велосипедски ленти, но не и по самите улици. Доколку нема вакви патеки и ленти тие треба да се движат по тротоари, меѓутоа не во група и не со брзина поголема од 6 километри на час, а на патеки и ленти со брзина не поголема од 20 километри на час. Електрични тротинети не смеат и не можат да управуваат лица помлади од 14 години, не смеат да влечат или туркаат предмети, животни и слично.
Покрај ова, на лицата кои управуваат електрични тротинети им се советува задолжително да носат заштитен шлем, односно кацига и рефлектирачки елеци, особено во доцните попладневни и вечерните часови. За непочитување на овие препораки и укажувања на оние кои управуваат електрични тротинети или на нивните родители, зависно од возраста, ќе им се изготвуваат поднесоци со парични глоби кои се движат од 50 до 120 евра во денарска противвредност.