Тетовската полиција информира дека 28 годишниот С.Ф државјанин на Белгија е починатиот планинар кој го изгуби животот откако паднал од карпа движејќи се кон Титов врв. Починатот денеска претпладне беше идентификуван и извлечен од планината со хеликоптер на Министерството за внатрешни работи (МВР). Во спасувачката акција учествуваа и алпинистот Надир Мурсели како и директорот на Националниот парк Шар Планина Ибрахим Дехари, двајцата од Тетово.
-Вчера (8 ноември) во 17 часот и 30 минути преку Центар за управување со кризи (ЦУК-Тетово) во СВР Тетово, Ф.Н.(24) од Куманово пријавил дека движејќи се со уште едно лице, негов пријател, кон Титов Врв, околу половина километар пред да се искачат, другото лице паднало од карпа во бездна и се повредило, но дека поради непристапниот терен и маглата Ф.Н. не можел да види за какви повреди станува збор и практично да му помогне. Набргу по пријавувањето беше организирана спасувачка потрага по двете лица во која учествуваа екипи на МВР, ЦУК, СВР Тетово, пожарникари и други лица, кои со специјални теренски возила и хеликоптер се упатиле на посоченото место. По извесно време спасувачките екипи го пронашле Ф.Н. и го пренеле во тетовската Клиничка болница за укажување на лекарска помош, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Во спасувачката акција двајца припадници на МВР се повредиле. Јавен обвинител и екипа од СВР Тетово извршиле увид и се расчистува и документира случајот.
ас
Фотографии: Центар за управување со кризи