Полициски службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово – Отсек за превенција завчера (6 мај) во периодот од 12 до 16 часот, во Гостивар и Тетово спроведоа повеќе активности во рамките на превентивно-едукативната кампања „И јас и ти сме пешаци“, а чии носители се Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, МВР и Факултетот за безбедност-Скопје.
На неколку локации во централните подрачја на двата градови на граѓаните им беа поделени летоци на македонски и албански јазик со повеќе информации – како безбедно да се преминуваат улиците, како да се движат пешаците доколку нема обликувани тротоари, да не зборуваат на мобилен телефон додека ги преминуваат улиците и по можност да носат посветла облека во вечерните часови за да бидат навреме забележани од возачите.
Покрај тоа, граѓаните добија и маички со такви совети, со цел да се придонесе за подигнување на сообраќајната свест и култура на оваа категорија учесници во сообраќајот. Ова, дотолку повеќе што минатата година на поширокото тетовско подрачје беа регистрирани четири загинати и значителен број повредени пешаци, претежно како последица на нивно или невнимание на возачите. Токму затоа, годинава во континуитет се организираат и акциски и други контроли во чие средиште се пешаците, односно колку возачите им даваат предност, но и како тие се однесуваат во сообраќајот.