И во изминатите девет месеци од оваа година, како впрочем и лани, најчест сообраќаен прекршок на поширокото тетовско подрачје бил пребрзо возење, односно неприлагодена брзина според условите на патот. Во овој период вкупно откриени и законски санкционирани биле 5511 пречекорувања на максимално дозволената брзина во наголем број надвор од населено место, пред се на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје. Покрај ова, санкционирани биле и 1306 лица кои ги управувале возилата, патнички и товарни, без положен возачки испит и валидна дозвола за тоа, како и 767 лица-возачи кои не им дале предност на минување на пешаците, дури и на обележани пешачки премини.
Во деветте месеци на ова подрачје соодветно санкционирани со изготвување на предвидените поднесоци биле и 322 мотоциклисти за некористење заштитна кацига, односно шлем, но и 357 возачи кои управувале под дејство на алкохол и 211 кои непрописно престигнувале на забранети места или во колона.
Секторот за внатрешни работи Тетово и во текот на овој месец продолжува со превентивни, контролни и други активности, чија примарна цел е навремено откривање и санкционирање на сообраќајни прекршоци во функција на подобрување на вкупната безбедност по тетовските улици и на патиштата, регионални и локални во регионот. Посебно внимание во нив ќе им биде посветено на контролите за брзина и управување без возачка дозвола, а нема да изостанат и контролните активности со кои ќе се опфатат другите видови сообраќајни прекршоци, непорописно паркирање, непропуштање пешаци и така натаму.