Граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“ преку соопштение информираа дека направиле предизборен пресек околу ставовите на партиите за нивната идеја-формирање на парк во градот.
-Забележуваме дека за време на изборната кампања за вонредните избори за членови на Совет на општина Тетово двете најголеми политички партии ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ направија поместување во својот досегашен став и за прв пат ја поддржаа идејата за прв вистински градски парк на предложениот појас од нашата иницијатива (Спортски центар-Жена борец парк-Монопол-Шик Јелак). Како што еднаш пред кампањата напоменавме, секоја заложба денес очекуваме да биде проследена со вистинско делување потоа во Советот, посочуваат од „Тетово сака парк“.
Тие по завршувањето на изборите најавуваат дека повторно ќе ги повикаат сите нив, заедно да усогласат чекорите за реализација, која секако е можна и законски предвидена.
-Овој пат се надеваме ќе можеме за прв пат да зборуваме со аргументи и за начини, а не за изговори и дефокусирања. Недозволив е молкот особено на другите големи партии како ДУИ и БЕСА кои се борат за доминација. Упатуваме апел за будност и од останатите политички субјекти, особено оние кои за прв пат можат да освојат членови на Советот. Идејата за парк во Тетово е многу поголем концепт од дневна политика, тоа пред се е демонстрирање на едно ново ниво на зрелост на општеството, при што човекот и неговите потреби избиваат на прво место. Неуспехот на оваа иницијатива говори најгласно, погласно од било кој политички памфлет, колку сме блиску или далеку од современиот свет, каде елементарните потреби на човекот се задоволуваат без измачувачки борби со ветерници и објаснувања со ѕид, порачаа од иницијативата.
„Тетово сака парк“ од февруари годинава во јавноста ја пласира идејата за формирање на градски парк од 16 хектари.
ас