Тетовскиот алпинист Надир Мурсели денеска од турскиот град Кахраманмараш ни испрати информација и фотографија за неверојатното спасување на преживеано десетгодишно девојче кое дури седум ден било под урнатитите. Тој сам замина во Турција каде се приклучи на спасувачи од Босна и Херцеговина. Оваа екипа заедно со турскиот тим АФАД успеале да го извадат преживеаното девојче.
-Околу 13 часот само што го извадивме девојчето Ирмак, голема радост имавме тука. Од кога се слушна глас 3-4 часа работевме за да ја извадиме од урнатините. Ова е големо чудо, како преживеала.Таа беше седум дена под урнатините, а зградата отприлика е седум-осум ката, информира Надир Мурсели, 45 годишен од Тетово.
Тој од 9 февруари е во подрачјата погодени од земјотресот во Турција, поточно во Кахраманмараш, на југоистокот од земјата.
Мурсели сам тргна од Тетово со автобус до Истанбул каде негова внука и зет се ангажирале да продолжи кон градовите погодени од земјотресот. До Адана заминал со авион, а од таму со други тимови на спасувачи со автобус од Адана четири часа патувале до Кахраманмараш.
Тетовскиот алпинист течно зборува турски јазик па на екипата од Босна и Херцеговина освен во пребарувањето урнатини им помогнал и со преведување.