Aкција за чистење „Генералка викенд 2023“ во Општина Јегуновце се спроведе на повеќе локации, поточно на делниците од Туденце до Сиричино, Јанчиште, од Шемшево до Прељубиште, од Шемшево до Сиричино и од Јажинце до Рогачево. Учествуваше министерката за животна средина и просторни планирање, Каја Шукова. Таа беше дел од акцијата за чистење на депонијата кај Јажинце во оваа тетовска општина.
-Отпадот што не окружува е наш производ. Ние луѓето сме го создале и сме го оставиле зад нас. Да покажеме совесност и одговорност за своето однесување кон природата, да се вклучиме во најголемата волонтерска акција „Генералка викенд“ и собирајќи го отпадот да и го вратиме сјајот на природата. Оваа веќе традиционална акција не здружува, ја покажува моќта на заедништвото и ни дава можност отпадот да го претвориме во наша зелена иднина“ – истакна министерката.
-„Генералка викенд“ е акција што Министерството ја поддржува уште од првата година кога беа вклучени само 10 општини и 1000 волонтери. Годинава бројот на општини е 53, а бројот на пријавени волонтери повеќе од 16000. Со засадување на дрвна садница за секои 10 килограми собран отпад, акцијата овозможува „засадување на отпадот во зелена иднина“ и претставува извонреден начин да се демонстрира моќта на заедништвото и координативата работа во интерес на животната средина и квалитетот на живото на сегашните и идните генерации, рече Шукова.