Во организација на Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ Тетово вчера се одржа трибина по повод месецот на борба против ракот на дојка. На трибината свое излагање имаа спец. д-р. Иван Карапетров – Торакален Хирург, спец.д-р. Стефанка Здравкоска-Радиолог и спец. д-р. Весна Колевска-Онколог, сите вработени во тетовската Клиничка болница.
-Во Тетово како и во целата држава и сите развиени земји во светот, порастот на кривата на новодијагностицирани случaи на карцином на дојка е поради раната дијагностика и скринингот што се воведе кај жените во ризична група од 50 до 69 годишна возраст. Исто така во благ пад е и кривата на смртноста како резултат на карцином на дојка бидејќи е најголема причина за смртност од малигни заболувања кај жената. Тоа е поради навремето лекување и поради стилот на живот на пациентите, изјави д-р Иван Карапетров.
Прегледите даваат можност за навремено откривање на случаите кои можат да се излекуваат.
-Самопреглед кај хормонски активните жени треба да се прави на десеттиот ден по завршување на менструација. Потребно е само еднаш месечно да се направи самопреглед. Има два начини кои што најлесно може да го направат тоа пациентките, жените. Да се појават на лекар секогаш кога ќе напипаат некоја промена,некоја грутка, исцедок кога ќе видат под брадавицата. Кога ќе приметат дека кожата добива структура на кора од портокал и кога ќе се појави рана која не зараснува на дојката. Навреме откриените случаи може да бидат излекувани, истакна д-р Карапетров.