По кој знае кој пат е уништена спомен плочата посветена на десеттемина бранители, кои на ѕверски начин беа убиени во месноста Карпалак на патот Тетово-Скопје во конфликтот во 2001 година. Расфрлано е и цвеќето кое вчера беше оставено во знак на почит на бранителите.
Случајот е пријавен во полицијата.
„Денес во 11.05 часот во СВР Тетово пријавено е дека е оштетена спомен плочата поставена кај Карпалак во спомен на загинатите припадници на безбедносните сили во 2001 година. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, се вели во соопштението на СВР Тетово.
За настанот реагираше и министерот за одбрана.
„Министерството за одбрана најостро го осудува немилиот настан со оштетување на спомен плочата на загинатите бранители кај месноста Карпалак. Настанот е регистриран од страна на надлежните служби на министерството уште во утринските часови. Настанот веднаш е пријавен во Министерството за внатрешни работи, за превземање на соодветни мерки за идентификување на сторителите на овој немил чин. По соодветните дипломатски линии, случајот е пријавен и до меѓународната заедница“ вели министерот Владо Мисајловски.
Ќе се постави нова плоча, најавува министерот.
„Министерството за одбрана презема активности за поставување на нова спомен плоча и истата ќе биде поставена во најбрз можен временски рок.Во поглед на поставување на спомен обележје на месноста Карпалак, информираме дека во изминатите 7 години превземени се иницијативи за поставување на спомен обележје кои не се во согласност со законската регулатива од оваа област. Имено не е земено во предвид дека местото каде што е предвидено да се постави споменикот е заштитен појас каде може да се градат објекти во функција на автопатот и постојано се добивани негативни одговори од надлежните институции. Односно се превземени активности за да не се направи апсолутно ништо, вели Мисајловски.
Министерството за одбрана во координација со надлежните институции ги разгледува сите законски можности за поставување на достојно спомен обележје.
фото Фејсбук профил на Влади Мисајловски