Во своето обраќање претседателката и врховен командант Гордана Сиљановска Давкова ја истакна посветеноста на Армијата во поддршката на институциите во справувањето со елементарните непогоди и со кризните состојби, како што се пожарите.
„Овој празник е потсетување дека нас никој не нѐ ослободувал, туку сами се ослободивме. Македонската држава не е ниту подарена, туку е извојувана и стекната со тешка и праведна народно – ослободителна борба. Како претседателка на Републиката, како врховна командантка на вооружените сили, но и како партизанска ќерка, стојам пред вас, горда на вас, наследниците на партизаните. Вие, војниците и офицерите, питомците и ветераните на армијата сте вистинските чувари на наследството – слободната македонска држава, која пред 80 години, на АСНОМ, ни ја оставија нашите храбри предци. Пред повеќе од три децении, независната македонска држава ја устрои својата армија, како браник на нејзиниот територијален интегритет и нејзината независност“, истакна Гордана Силјановска Давкова.
На централната свеченост беше извршено примопредавање на должноста началник на Генералштабот на Армијата од досегашниот началник, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски на новиот началник на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.