Во текот на минатиот месец (октомври), полициските службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово-Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово, на поширокото тетовско подрачје, во 23 акциски контроли и редовни активности вкупно откриле и законски санкционирале 2062 прекршоци или 318 помалку во споредба со истиот период лани.
Во контролните активности, реализирани во текот на октомври, а поради констатирани прекршоци, односно недостатоци, од сообраќај билe исклучени 49 возила, од кои 43 поради истечена регистрација до и над 30 дена, 5 поради утврдена техничка неисправност и 1 поради претовар.
-Во октомври, исто така, од сообраќај биле исклучени и 298 возачи, од кои 188 управувале без возачка дозвола, 70 под дејство на алкохол, 28 возачи-почетници кои не се придржувале на законските ограничувања за оваа категорија возачи, и 12 со важечка забрана за управување, информира портпаролот Марјан Јосифоски.
Покрај тоа, во месецот за кој станува збор, времено биле одземени 3 возила за истечена регистрација повеќе од шест месеци, 79 возачки и 41 сообраќајна дозвола, додека тетовската „пајак-служба“ вкупно подигнала 190 погрешно, односно непрописно паркирани возила, најмногу во централното подрачје на Тетово, каде е и најголема вкупната сообраќајна динамика и фрекфренција на возила и пешаци.
Минатиот месец (октомври) вкупно биле изречени 799 мерки за неприлагодена брзина според условите на патот, за пребрзо возење, најчестиот прекршок и годинава во поширокиот Полошки регион.