По Скопје и во Тетово беше претставена изложбата на 40 фотографии по повод 40 години од освојување на златниот олимписки медал на Шабан Трстена на Олимписките игри во Лос Анџелес, САД на 10 август 1984 година. Изложбата вечерва беше отворената во изложбениот салон на Националната установа Уметничка Галерија Тетово.
Посетителите имаа можност да го видат златниот медал кој Шабан Трстена како член на олимписката експедиција на тогашна Југославија го освоил во слободно борење во категорија на борачи до 52 килограми кога имал 19 години. Тука беше и сребрениот медал од Олимписките игри во Сеул во 1988 година.
„Овие слики претставуваат една историја. Немам некои модерни и убави слики, не отидов таму да се сликам туку да се борам. Во тоа време, кога имав 15 години прашував како тоа само Русите се шампиони во борење и другите држави кои имале најголеми борачи. Сум им ги земал рацете на Русите да им ги видам какви им, дали се разлкуваат од нашите, дали се од друга планета. Но немаше ништо такво. Само со работа, ништо немало разлика. Петнаесет години сум ги победувал потоа“, истакна Шабан Трстена во говорот на отворањето на изложбата.
Борачот од Скопје целиот свој спортски век го поминал со двајцата свои тренери Хајруш Синани и Насе Насев.
„Овие луѓе тренираа заедно 20 години без слободен ден и во тешки момент тимот ја задржа својата мотивација. И до денес се сеќава Шабан Трстена на напорните тренинзи и до четири пати дневно без идеални услови, на отворено небо или во сали на ресторани. По златниот медал, четири години подоцна и во Сеул, Шабан Трстена освојува медал на Олимписките игри, а тогаш бил сребрен поради повреда на колено“, беше посочено на изложбата.
Шабан Трстена покрај двата олимписки медали, има освоено осум европски медали, две од светско првенство, три балкански медали и три медали од Медитерански игри. Бил прогласуван за спортист на Скопје, на Македонија, на Југославија во 1984 година и сеалбански спортист на 20 век.
Повеќе фотографии на Фејсбук профилот на Тетово инфо