Во организација на Сојузот на борци од Тетово денеска пред Споменикот на револуцијата беше одбележан 9-ти мај Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Пред споменикот беше оддадена почит на загинатите во Народоноослободителната и антифашистичка војна со едноминутно молчење и положување букети цвеќиња.
-Оваа година се навршуваат 78 години од победата над фашизмот, триумф платен со милионски човечки загуби и материјални штета. Втората светска војна во која беше победен фашизмот е пресудна и за македонскиот народ, кој пред војната беше национално обеспреавен и угнетуван од соседите, за да на крајот создаде својата национална држава. Свесни за својата состојба Македонците но и другите националности од првиот ден на НОБ се вклучија во антифашистичката војна за национална и социјална слобода. Како круна на антифашистичката борба на македонскиот народ подоцна беа донесени одлуките од Првото заседание на АСНОМ, истакна во пригоден реферат Јоцко Димитриевски, претседател на општинската организација на Сојузот на борци Тетово.
Тој посочи дека денес се слави и Денот на Европа, чие обединување како сон за малкумина стана надеж за многумина.
-Фашизмот во светот беше поразен. Токму на овој денешен ден, далечната 1945 година во Берлин, во Главниот Штаб на Советската Армија, беше потпишана безусловна и конечна капитулација на вооружените сили на Третиот Рајх. На денешен ден беше поразено и победено најголемото зло на човештвото нацизмот. Ден кој по многу нешта не опоменува и обврзува, нас нашите идни генерации, да не се заборави и никогаш повеќе, да не се повтори најмрачната страница во историјата на човештвото, истакна Димитриевски.
На настанот присуствуваа и положија цвеќе пред споменикот делегации на Сојузот на борци, АРМ, Општина Тетово, претставници на дел од политичките партии, здруженија на граѓани и организации и ученици.
ас